Изработка на мал Њутнов рефлектор PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Недела, 29 Март 2009 00:01

Целта на овој проект е рачно да се направи мал телескоп (рефлектор) со користење на материјали кои се лесно достапни, односно да послужи како демонстратор на технологија за аматерска градба на телескоп во услови кои постојат во моментов во Македонија. Основен елемент кај телескоп од овој тип е сферно огледало (слика 1) кое служи како трансформатор на светлина, односно неговата задача е паралелниот сноп на зраци кој доаѓа од небесните тела да го претвори во конвергентен сноп кој идеално би се фокусирал во точка формирајќи реален лик. Овој лик се зголемува со користење на окулари со различни фокусни растојанија, со што се добиваат различни зголемувања дозволувајќи детални проучувања на небесните тела. Огледалото на телескопот е проектирано да е “брзо”, т.е. неговиот F број да е 6. Ова значи дека е најдобар за набљудување на галаксии и други слични објекти, давајќи добро осветлено широкоаголно видно поле. Огледалото има дијаметар од 150mm, што значи дека фокусното растојание треба да биде 900mm.

 

Слика 1. Пресек на сферно огледало

Огледалото треба да ја задржи сферната форма, а бидејќи работиме во оптичкиот дијапазон, според критериумот на рајли отстапувањата од сферниот облик не треба да се поголеми од 1/4 бранова должина - околу 125 nm. Поради ова, дебелината на стаклото од кое ќе се изработува огледалото зависи од неговиот дијаметар. Како правило, дебелината на стаклото изразена во милиметри се добива кога неговиот дијаметар изразен во милиметри се подели со 10. Во случајов, тоа значи дека стаклото треба да биде дебело 15mm. Стакло со ваква дебелина ретко се наоѓа, но може да се добие од стакла кои биле дел од излози, или да се нарача готово. Потребни се два кружни стаклени дискови, од кои едниот може да е и со помала дебелина. Ако се најде една плоча од стакло со потребната дебелина, дисковите може да се иссечат на следниов начин. Од лим се прави цилиндар кој на едниот крај има запци како пила. Запците се посипуваат со брусен прав, и со кружно движење се започнува сечењето. Треба да се внимава иссечениот диск да не добие конусна форма, односно да не се дозволи цилиндарот да се деформира при сечењето. Исто така, може и да се залепат два стаклени дискови со помала дебелина користејќи двокомпонентни лепила, но ова може да внесе дополнителни компликации, па препорачливо е сепак огледалото да се прави од едно парче стакло.

Последно освежено на Недела, 12 Април 2009 20:27