Брусење PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Недела, 12 Април 2009 20:40
     Процесот на формирање на сферната површина е доста едноставен. Еден од стаклените дискови е идното огледало, а другиот има улога на алат со кој стаклото се бруси со користење на брусни материјали. Брусниот прав се прави од стари брусни камења кои се ситнат, а потоа исситнетите делови се филтрираат низ газа или стари хулахопки за да се добијат материјали за брусење со различна големина на зрната. Треба да се направи држач за стаклениот диск кој ќе биде алат. Држачот се прави од шпер плоча на која се поставуваат три дрвени граничници со дебелина колку половина од дебелината на дискот. Два се поставуваат точно на периметарот на дискот, третиот малку подалеку, а стаклениот диск се поставува и осигурува со мало дрвено клинче така што да е неподвижен. Држачите се оддалечени 120 степени еден од друг, и имаат улога да го фиксираат алатот при брусењето (слика 2).
 
                                                                                                  

Слика 2. Начин на фиксирање на алатот за брусење

 

Слика 3. Приказ на движењата кои се користат при брусењето

 

      Брусењето започнува со најгрубата фракција на брусниот прав. Се нанесува малку вода со со прскалка и брусен прав по целата површина на алатот. Другиот стаклен диск кој што ќе биде огледало се става врз алатот, и со двете раце, со воедначен притисок се започнува брусењето. Притисокот не треба да е преголем, ниту преслаб. Движењата се напред – назад, при што огледалото излегува за 1/3 од дијаметарот надвор од работ на алатот. После неколку движења, основата се врти за неколку степени, а исто така и дискот кој што го држиме во рацете го завртуваме за неколку степени во спротивна насока, и продолжуваме со брусењето. Во овие завртувања не е потребна прецизност, важно е само да се практикуваат. Може да се практикува и кружно движење така што огледалото со благ притисок се движи по работ на алатот. Токму овие движења ја формираат сферната површина на следниов начин. Кога огледалото е врз алатот поради притисокот и геометријата, тоа на крајот од движењето ги троши рабовите на алатот, а истовремено центарот на огледалото постепено се длаби. Површините на дисковите кои се во контакт стануваат матирани, и со напредувањето на брусењето според промената на звукот се чувствува кога брусниот прав се истрошил и треба да се замени. Во тој момент, дисковите се разделуваат, се бришат со сунѓерче и пак се нанесува брусен прав и малку вода. И во текот на самото брусење се нанесува вода, не смее да се дозволи смесата помеѓу нив да се исуши затоа што дисковите може да се залепат еден за друг, а потоа е многу тешко да се одделат. Ако сепак тоа се случи, потребно е да се стават во топла вода, и после определено време да се обидеме да ги разделиме. Сунѓерчето се мие, и остатоците од миењето и другиот брусен прав што останува по брусењето не се фрла, туку се чуваат во посебен сад. После определено време од почетокот на брусењето, треба да се контролира длабочината во центарот на огледалото. Огледалото се мие и на него се поставува еден линијар, па во центарот на огледалото помеѓу линијарот и стаклото се вовлекува мерилото. За мерило се користи (ако немаме сферометар) инструментот кој се користи за мерење на растојанието кај свеќичките на автомобилите. Тој има метални ливчиња со различни дебелини со чија комбинација може да се измерат растојанија со точност до 0.01mm, што е сосема доволно. Овие контроли треба да ги вршиме што почесто во текот на брусењето. Од централната длабочина на огледалото (кое се нарекува сагита) зависи фокусното растојание и таа се пресметува според формулата:
 
 
 
каде што f е посакуваното фокусно растојание на огледалото, а D е неговиот дијаметар. Се зема вредноста која што е физички реална. Кога ќе се достигне 90% од потребната сагита, се преминува на брусење со наредната пофина фракција на брусен прав. Се применуваат истите движења, ротации, и контроли. Брусниот прав откако ќе се истроши се заменува со нов, остатоците исто се чуваат. Исто така се започнува со оптички контроли на површината на огледалото. За таа цел се користи окулар со кој внимателно се ипитува површината на огледалото. Кога ќе се забележи дека малите длабнатинки не се намалуваат во дијаметар, се преминува на наредната пофина фракција на брусен прав. Ова може да е тешко за почетник да го процени; потребно е искуство, но како правило би требало да заземеме песимистички став, и иако се случи да со секоја фракција брусиме подолго, тоа на крајот ќе резултира со поквалитетно огледало. Овде треба да се напомене дека пред да преминеме на брусење со пофина фракција, целата работна површина мораме темелно ја измиеме со вода, а исто така за секоја фракција огледалото се брише со ново сунѓерче. Ова е многу важно, затоа што ако остане и само едно зрнце од покрупниот брусен прав, тоа ќе го изгребе огледалото, па ќе мора пaк да се вратиме на брусењето со покрупна фракција.
 
 
 Слика 4. Брусење со најгруба фракција
 
      Кога ќе го завршиме брусењето со најфината фракција која што ја поседуваме, брусењето продолжува, но сега треба да си ги направиме наредните фракции. Би можеле и да ги прескокнеме наредните чекори но најверојатно е дека не располагаме со доволно фини фракции на брусен прав. Ако преминеме на полирање, полирањето нема да биде успешно, и таквото огледало после посребрувањето ќе ја рассејува светлината и ќе дава неквалитетна слика. Пофините фракции се издвојуваат од остатоците што сме ги собирале при брусењето со таложење. Овде се користи принципот дека во еден талог покрупните честички се таложат за пократко време. Остатоците ги мешаме со вода во еден поголем сад, па мешавината ја претураме во помал сад и оставаме да се таложи 15 секунди. После ова останатата течност ја претураме во друг сад, и оставаме да се таложи 15 секунди. После ова таложење, течноста се претура во друг сад, и се остава да се таложи 30 секунди. Останатиот талог во вториот сад е првата пофина фракција. Останатата течност ја претураме понатаму и оставаме да се таложи 1 минута. Вака продолжуваме да добиваме се пофини фракции (2 минути, 4 минути, 8 минути, 16 минути, половина час...). Авторот издвои фракција од 1 час која е користена при брусењето, а не е ретка појава да се бруси и со фракции добиени по 24 часа таложење. Колку пофина фракција се користи при брусењето, толку подоцна полирањето е полесно. Во текот на целиот прцес, постојано се извршуваат оптичките контроли на површината, и важат истите правила за промена на фракциите. Потребна е трпеливост, затоа што желбата да се премине на пофина фракција е силна, но потребно е да се спротиставиме на тоа искушение, затоа што пребрзата промена на фракциите ќе резултира со површина која не е спремна за полирање, и полирањето нема да биде успешно. Оваа лекција е научена на основа на искуство, кога авторот требаше да се враќа три фракции назад поради нетрпеливост. Кога ќе го завршиме брусењето со најфината фракција, вршиме оптичка контрола. Големината на неправилностите (дупчињата) на огледалната повшина треба да е насекаде иста. Површината е матирана, и мазна на допир. Посебно внимание треба да се обрне на рабовите на огледалото. Ова важи за брусењето со секоја фракција. Краевите на огледалото обично најтешко се брусат и полираат, и затоа тие се мерка за тоа дали определена фаза од изработката е завршена. Во овој момент, огледалото би требало да е спремно за полирање, со сагита која што одговара на посакуваното фокусно растојание. Ако последната фракција со која што сме бруселе биле доволно фина, полирањето ќе биде лесно и релативно брзо. Во секој случај, потребно е трпение како и секогаш.
Последно освежено на Петок, 17 Април 2009 15:43