Полирање PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Петок, 17 Април 2009 15:27
     Полирањето е постапка при која се елиминираат сите нерамнини и огледалото се доведува до својата конечна форма, спремно за метализирање, а површината повторно ја враќа провидноста која ја загубила при брусењето. Полирањето се изведува со паста за полирање (циркониум оксид) која е доста тешко да се пронајде и зааедно со секундарното огледало се единствените компоненти потребни за изработка на телескопот кои не беше возможно да се пронајдат во Македонија во моментот на изработка. Потребно околу една супена лажица од материјалот за полирање на огледало со дадениот дијаметар. Потребна е и измена на алатот. Огледалото се полира со алат од смола (битумен), затоа што тој може на микро ниво да се приспособува кон променливата површина на огледалото како што полирањето напредува.
 

Слика 5. Маска за полирање и огледало спремно за почеток на полирањето
 
      Маската за полирање од битумен се подготвува на следниов начин. Потребно е околу еден килограм битумен (кој се купува цврст, во парчиња), колофониум (стотина грама) и восок. Целта е да се изработи маска која ќе одговара на површината на огледалото. Веќе знаеме дека алатот ја има истата закривеност како огледалото, па може да го искористиме него. За таа цел, сечеме лента од картон, и со неа го обвиткуваме дискот на алатот. Лентата ја лепиме, така што да формира брана висока еден до два сантиметри над површината на алатот. Пристапуваме кон подготовка на смесата. Во стара лимена конзерва која е доволно голема да го собере битуменот го ставаме целото количество, а потоа и определено количество колофониум. Конзервата ја загреваме се додека смесата не стане течна и постојано мешаме. Во работата со битуменот треба да бидеме претпазливи и да употребуваме заштита. Може да дојде до изгореници ако дојде во контакт со кожата, а тешко се отстранува од облека или покуќнина. Ако сепак треба да го отстраниме од нешто, можеме да пробаме со дизел. При загревањето би требало да избегнуваме отворен оган, затоа што ако случајно битуменот се излее, би можел да се запали. Најдобро е да користиме решо. Смесата треба да биде со определена тврдост. Ако изладиме дел, и во него притиснеме со ноктот, треба да можеме да направиме мал засек. Ако ноктот воопшто не влегува, на смесата се додава восок, а ако е премека се додава колофониум. Исто така, не смееме да дозволиме смесата да зоврие, но најважно е да не се појават меурчиња во внатрешноста. Затоа постојано треба да се промешува. Алатот треба да се загрее на околу 40 степени (може во топла вода или во рерна), потоа се мести хартиениот прстен кој се премачкува со крема за раце од внатрешната страна. Вака подготвен, алатот се поставува на рамна подлога, и подготвената смеса се излева врз алатот. Оградата од хартија треба да е доволно силна да го спречи битуменот да се излее. После ова, оставаме смесата да се стврдне колку да не тече, но сеуште да може да се формира. Раствараме малку од правот за полирање во вода така што да наликува на ретка кал, и ја премачкуваме површината на огледалото. Ја отстрануваме хартијата од рабовите на алатот, и врз него го поставуваме огледалото притискајќи. Многу е важно да не се дозволи да остане воздух во длабнатината на огледалото, бидејќи може да ја деформира површината на матрицата. Ако сепак се формира меурче од воздух, треба со помрднување на огледалото да се обидеме да го истиснеме. Ваквата поставка ја оптоваруваме со некој предмет (кофа со вода, тешки книги) и оставаме да стои се додека не се олади маската, а притоа таа ќе ја заземе формата што одговара на површината на огледалото. Ги разделуваме маската и огледалото (внимателно, и не со сила и вертикално, туку го туркаме огледалото странично, да лизга по маската). Ако не сакаат да се разделат, може да ги оставиме во фрижидер во длабоко замрзнување, и би требало лесно да се одделат. Пoсле ова, можеме повторно да го премачкаме огледалото со растворот од смесата за полирање и да го поставиме врз маската и оптовариме со тежина. Рабовите на дисковите треба да ги завиткаме со влажна крпа, за да не се исушат. Ги оставаме преку ноќ. Постапката се нарекува ладно пресување и би требало да осигура совршено совпаѓање на површините на маската и огледалото. Нареден чекор е изработка на канали во маската. Овие канали служат за да го намалат триењето помеѓу маската и огледалото во процесот на полирање, и за да ги собираат отпадоците во процесот на полирање. Каналите се прави линии кои го сечат дискот под прави агли, и формираат квадратчиња на површината на дискот со страна од 1 – 2 cm. Каналите може да се изработат на неколку начини. Маската се става во длабоко замрзнување за да се стврдне, а каналите се сечат со остар нож. Каналите се широки 5mm и исто толку длабоки. Засекувањето треба да се прави во ссодветна просторија бидејќи ладниот битумен е тврд, и при сечењето се распрснува на ситни парченца. Друг начин кој е полесен и помалку валкан го користеше авторот. Од алатка за сечење линолеум се зема предниот остар дел и се поставува на предниот дел на лемило. Лемилото зе загрева, и внимателно се прават каналите. Потоа се отстранува непотребниот дел од маската која претекол преку работ на дискот од алатот (ако има таков). Маската се загрева во топла вода, а потоа врз неа се поставува огледалото премачкано со растворот на правот за полирање и се оптоварува. Во текот на ова топло пресување, маската пак ја зазема формата на површината на огледалото која што може да ја изгубила во процесот на иссекување на каналите. При ова, битуменот се шири во просторот на каналите ако има потреба. Со ова, изработката на маската за полирање е готова.
 
 
Слика 6. Готова маска за полирање
 
      Алатот се прицврстува на работната површина исто како и при брусењето, и се започнува со полирањето. Движењата се исти како во текот на брусењето. Сега се користи смесата од прав за полирање растворен во вода, така што формира ретка кал. Таа се нанесува со четче или со лажичка па се размачкува по површината на огледалото, или се става во распрскувач па се прска површината на огледалото. Во текот на полирањето, се применнува притисок, но не премногу. Повторно, треба да се внимава на рабовите на огледалото кои најтешко се полираат. Исто така, треба да се внимава на контактот помеѓу матрицата и површината на огледалото. Ако се забележи дека матрицата ја губи формата, треба пак да се загрее и пресува. Во екстремен случај, ако никако не можеме да ја повратиме формата на матрицата, или ако во текот на нејзината изработка ја оштетиме, ќе мора да изработиме нова. После некое време од почетокот на полирањето, се забележува дека огледалото станува провидно, т.е. површината станува мазна и исчезнуваат и најситните нерамнини. Конечно после толку вложен труд за прв пат стануваме свесни дека она што го изработуваме станува огледало. Треба да не потклекнеме на искушението и да продолжиме со полирањето без брзање да завршиме, бидејќи може да настанат грешки во формата на површината, или таа да остане лошо исполирана. Во текот на постапката постојано вршиме оптички контроли исто како и за време на брусењето, само што сега се забележува дека површината е провидна, и се гледаат мали длабнатинки кои се повеќе се намалуваат и исчезнуваат. Посебно внимание треба да се обрне како и секогаш на краевите на огледалото. Полирањето е завршено кога при контролите забележиме дека останале само 5 – 6 дупчиња на сантиметар квадратен. Посигурен тест е ако огледалото го поставиме на рамна површина и на него го набљудуваме ликот на една сијалица. Ја гледаме усвитената жичка. Ако нa неа се видливи само неколку дупчиња, или воопшто нема, полирањето е завршено. Ако ова не е случај, мора да се продолжи со полирање. Со ова, формата на површината на огледалото е доведена многу блиску до сфера. Ако правиме “брзо” огледало, или ако сме задоволни со вакви перформанси, огледалото е готово. Можеме да го фокусираме сонцето на парче хартија (никако да не се гледа во огледалото кога е насочено кон сонцето !). Ова е добро бидејќи навистина ќе видиме дека сме изработиле огледало кое ја фокусира светлината, а во исто време можеме да го измериме фокусното растојание на огледалото (растојанието од фокусот до површината на огледалото во неговиот центар.) Ако огледалото кое го изработуваме има F број поголем од 6, или ако навистина сакаме совршенство, тогаш огледалото не е завршено. Авторот препорачува сепак да се направи процесот кој следува, кој иако е тежок, нуди свои награди и го збогатува знаењето. Вродена особина на сферните огледала е сферната аберација, т.е. различни зони од површината на огледалото имаат фокусни растојанија кои се различни, т.е. огледалото нема фокус во една точка. Може да се покаже дека огледало кое фокусира во точка има пресек на површината кој е парабола. Нареден чекор е таканареченото фигурирање или доведување во форма.
Последно освежено на Петок, 17 Април 2009 15:43