Посребрување PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Петок, 17 Април 2009 16:31
     Кога ќе завршиме со фигурирањето, огледалото е спремно за метализирање со цел да се зголеми неговата рефлективност до 100%. Можни се две постапки: посребрување и алуминизација. Посребрувањето може да се изврши и во домашни услови, но сребрениот слој реагира со сулфурот во воздухот и постепено потемнува за време од 6 месеци до година, па е потребно повторно да се нанесува. Алуминизацијата е трајна, но не се изведува во Македонија и не може да се прави во домашни услови (потребни се високи температури и вакуум).За овој проект, огледалото беше посребрено. Во оваа фаза од изработка од астрономот се бара да ги познава основите на хемијата. Постојат неколку постапки за посребрување на огледала во домашни услови. Ние ќе го користиме Брешеровиот метод. Во понатамошните постапки треба да внимаваме затоа што се работи со опасни и корозивни супстанции, па минимална и неопходна е заштитата на рацете со ракавици од латекс, а пожелно е да се има и очила за заштита од евентуално прскање на хемикалии. Постапката треба да се изведува во просторија со добра вентилација на температура од 20 степени целзиусови. Најпрво подготвуваме основенн раствор од 90g обичен шеќер, 4ml концентрирана азотна киселина (HNO3), 175ml алкохол и 1l дестилирана вода. Го раствораме шеќерот во 3/4 од дестилираната вода, во тој раствор го додваме алкохолот и внимателно ја додаваме азотната киселина која ја внесуваме полевајќи ја низ стаклено стапче или пополека со капалка. Се долева вода до литар, и вака припремениот раствор се остава да отстои најмалку 10 дена. Површината која што ќе се посребрува треба да биде хемиски чиста. Затоа, огледалото го переме со раствор на детергент и топла вода неколку пати. Потоа, со стапче на чиј врв е намотан памук натопен во ацетон темелно ја чистиме површината на огледалото. Со оваа постапка треба да се осигураме дека нема заостанати мрснотии на површината на огледалото. Со друго стапче (чепкалка) натопено во концентрирана азотна киселина внимателно ја чистиме површината на огледалото, а потоа со посебна чепкалка натопена во дестилирана вода ја пребришуваме површината. Водата формира тенок слој по површината. Ако веднаш после ова овој слој се прекине на некои места (се формираат кругчиња), тоа значи дека површината не е добро исчистена, и чистењето треба да го започнеме од почеток. Ова е многу важно за успешно посребрување. После успешното чистење, површината на огледалото не смее да се исуши. Затоа, огледалото го поставуваме во сад во кој има малку дестилирана вода така што површината која сме ја чистеле да е покриена со вода. Сега можеме да го подготвиме растворот за посребрување. Најпрво припремаме 1% раствор од сребро нитрат (AgNO3) и калиум хидроксид (KOH). Тоа се прави така што се зема потребниот износ на супстанцијата од која се прави раствор и 99 пати поголем износ на дестилирана вода. При ова важи за дестилираната вода важи: 1cm3 = 1ml = 1g. Во следната табела се дадени потребните количества на супстанции во зависност од дијаметарот на огледалото.
 
Пречник на огледалото (cm) Сребро нитрат (g) Калиум Хидроксид (g) Амонијак со густина 0.88 g/cm3 Основен раствор (ml)
5 0.5 0.25 0.5 3
10 1.8 0.9 1.5 10
15 4.0 2.0 3.0 25
20 7.0 3.5 6.0 40
25 11.0 5.5 9.0 65
30 15.0 7.5 12.0 85

 

Табела 1. Потребни количества на супстанции во зависност од дијаметарот на огледалото

 

     Во нашиот случај потребни се 4g сребро нитрат, 2g калиум хидроксид од кои се припремаат 1% раствори и 3g амонијак. Овие супстанции се купуваат во секоја подобро снабдена аптека. Уште еднаш е потребно да се истакне дека е потребно да се биде особено внимателен при работата со овие супстанции. Растворот на амонијак има особено силен мирис и не треба да се вдишува. Калиум хидроксидот е силна база и ако дојде во контакт со кожата создава тешки изгореници. Растворот од сребро нитрат е отровен. Се зема 9/10 од растворот на сребро нитратот и во него со капалка се капнува амонијак. Се забележува дека провидниот раствор на сребро нитрат се заматува. Амонијак треба да се докапува полека и постепено со мешање се додека растворот пак не стане провиден. Не треба да се претера со додавање амонијак, бидејќи тој го спречува таложењето на среброто. Кога растворот пак ќе се избистри, се додава со капнување од преостанатиот раствор од сребро нитрат се додека не започне благо заматување на растворот. Потоа се додава малку раствор од калиум хидроксид а растворот добива темно кафеава боја. Во текот на овие операции постојано мешаме. Пак се капи амонијак се додека растворот не се избистри, и се повторуваат операциите. Се продолжува се додека не се истроши цел раствор на сребро нитрат, а потоа не се додава ништо. Во еден сад се меша добиениот раствор и определено количество од одлежаниот основен раствор (според табелата). Веднаш се внесува огледалото и тоа само предната површина (огледалото е свртено надолу). Одвреме навреме се помрднува садот со растворот и се остава да се таложи среброто. Таложењето трае околу 20 минути, а огледалото треба да се фиксира на некој начин, а може и да се потпре во центарот па така да стои во растворот. Таложењето е прекрасен процес, и можеме да гледаме како среброто постепено ја исполнува површината на огледалото. Овде станува јасно колку е важна чистотата на огледалото, бидејќи среброто нема да се таложи на нечист дел од површината. Таложењето треба да се прави при температура од околу 20 степени. Ако е поладно, среброто тешко се издвојува од растворот. Во тој случај целиот сад може да го потопиме во топла вода и така да се обидеме да го забрзаме процесот. Кога таложењето е готово, огледалото го вадиме од растворот и веднаш го миеме со млазеви од дестилирана вода. Поефикасен начин е да го измиеме со помош на прскалка која сме ја наполниле со дестилирана вода. Потоа го оставаме огледалото да се исуши. Посребрувањето е успешно ако се формира рефлективен слој на сребро со доволна дебелина да рефлектира околу 100% од упадната светлина и ако на површината на металот не се формира белузлав слој кој може да настане ако огледалото не се мие со дестилирана туку со обична вода или ако таложењето траело премногу долго. Со ова изработката на огледалото е успешно завршена. Останува да се изработи цевката на телескопот и монтажата.
Последно освежено на Петок, 17 Април 2009 16:38