Цевка и монтажа PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Петок, 17 Април 2009 16:40
     Пред да ја изработиме цевката, огледалото треба да се монтира во своја т.н. ќелија која е така дизајнирана да го поддржува огледалото при сите ориентации на телескопот и да не дозволи тоа да отстапи од параболичната форма која му е дадена во текот на изработката. Ќелијата може да ја изработиме од иверица и тоа од два дела. Првиот служи за поврзување на самата ќелија со цевката, а вториот го носи огледалото кое не е прицврстено за неа, туку се поддржува во три точки на дното на огледалото, и на три точки по страните така што да не може да падне како и да се насочи цевката. Двата дела на ќелијата се поврзани со пеперутка навртки и одделени со пружини за да може да се регулира правецот на оптичката оска на огледалото. Постојат и посебни софтверски пакети за дизајнирање на ќелијата, но за овој проект и за оваа големина на огледалото, доволен е и овој дизајн со потпирање во три точки.
 

 
 

Слика 12. Софтверски генерирани контури на напрегање во стаклото кога се поддржува од ќелија со 6 точки на поддржување (изработената ќелија има 3 точки)

 

Слика 13. Посребреното огледало монтирано во изработената ќелија

 
     Цевката на телескопот може да се направи од различни материјали, или да се изведе од цевки така што да биде решеткаста, но наједноставно е да ја направиме од PVC цевка за канализација со потребен дијаметар. На едниот крај ја прицврстуваме ќелијата која го носи огледалото. На другиот крај го поставуваме секундарното огледало кое што служи за да го прекрши конусот на светлина кој што доаѓа од примарното огледало под прав агол и да го доведе до окуларот. Секундарното огледало е мало рамно огледало со форма на елипса метализирано однапред. Многу е тешко да се направи рачно и затоа најчесто се купува. Бидејќи секундарното огледало се наоѓа пред примарното, тоа блокира дел од светлината која што стигнува до примарот. Ова е неизбежно кај њутновите рефлектори, но не е пресудно за квалитетот на сликата. Големината на секундарот зависи од дијаметарот на примарот и од висината на фокусерот кој ќе го користиме. Секундарот се монтира на т.н. “пајак”. Најпрво се прави тело за секундарот од иверица. Најчесто секундарот доаѓа прицврстен на држач со кружен пресек. Ако тоа не е случај, може да направиме држач за него со пресекување на парче дрво со кружен пресек така што на едниот крај го сечеме нормално на оската, а на другиот крај под агол од 45 степени. На овој крај го лепиме секундарот. Дијаметарот на држачот е ист со должината на малата оска на секундарното огледало. Во центарот на телото бушиме дупка низ која проаѓа завртка која излегува од држачот на секундарот. Една навртка се навртува на завртката и со ова се поврзуваат телото и држачот. Три помали дупчиња под агол од 120 степени едно во однос на друго се дупчат низ телото, а низ нив одат завртки за метал кои допираат до држачот. Со нив се нагодува ориентацијата на секундарот. Три метални ленти со доволна цврстина за да ја издржат тежината на секундарот и телото се лепат на телото под агол од 120 степени една од друга. Лентите треба да се широки колку дебелината на телото, а другиот крај им завршува до внатрешната страна на цевката каде што се свиткани под агол од 90 степени и издупчено е дупче за навртка и завртка со кои пајакот заедно со секундарот се прицврстува за цевката. Фокусерот може да се купи или да се направи од пластичен сифон за одвод. Најпрво на определено место од цевката се прави дупка со нешто помал дијаметар од дијаметарот на поширокиот крај на сифонот. Потоа сифонот се лепи за цевката. Во потесниот крај се става дел од истата цевка со цел да се намали дијаметарот за да може да се постават окуларите и лесно да се менуваат. Се фокусира со помесување на двете цевки. Треба така да се нагоди што цевките лесно ќе се движат, но не прелесно за да не може постигнатиот фокус да се одржи. Висината (должината) на фокусерот и растојанието на пајакот и секундарот од површината на примарот се заемно зависни. Пред да се прицврсти секундарот и да се прави фокусерот треба внимателно да се пресмета, а може да ни помогнат секако бројните софтверски пакети кои постојат и кои се создадени за оваа цел. Внатрешноста на цевката треба да ја обоиме со црна мат боја за да ја намалиме рефлективноста, а може да поставиме и пречки за рефлектираната светлина. Тие имаат форма на прстени чии што надворешни дијаметри се еднакви со внатрешниот дијаметар на цевката. Внатрешниот дијаметар на секој прстен е различен, а тој како и позицијата на прстенот во цевката исто така се добиваат со пресметка, или може да се пресметаат со користење на софтвер. Прстените може да се изработат од тенка шперплоча. Надворешноста на цевката се бои по желба.
 
 
Слика 14. Изглед на цевката. Видливи се примарот, секундарот, и дел од фокусерот
 
     Монтажата има за цел да ја носи цевката и да овозможи контролирано насочување на телескопот кон небесните тела, и нивно следење по небото. Во случајов монтажата беше направена од водоводни цевки. Со користење на различни елементи кои вообичаено се користат за поставување на водоводна инсталација може да се направи сосема солидна монтажа која успешно ја носи цевката на телескопот и може да се насочува по воља како и да се фиксира во посакуваниот правец. Цевката на телескопот се прицврстува за монтажата со користење на стеги со соодветен дијаметар кои се стандардни и кои може да се купат во секоја продавница за железарија.
 
 
Слика 15. Цевката споена на монтажата
 
     Телескопот е готов. Во текот на првите набљудувања тој треба да се колимира (оптички нагоди) така што оптичките оски на примарот и секундарот да се поклопат и да се постигне целосна осветленост на видното поле. Тоа се прави со помош на трите завртки на примарот и на секундарот. Окулари може да се земат од стар микроскоп кој не се користи или да се купат, иако може да бидат прилично скапи посебно ако се поквалитетни. Првите тестни слики од Месечината се прикажани подолу. Левата е снимена со зголемување од 40, а десната од околу 70 пати. И двете се снимени со проста дигитална камера, и може да се забележи дека фокусирањето не е идеално.
 

Слики 16 и 17. Полна месечина и дел од површината блиску до терминаторот
Последно освежено на Петок, 17 Април 2009 17:07