Состојба PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Сабота, 18 Април 2009 13:49
     Астрономското друштво Битола се наоѓа во можеби најнезавидна состојба во текот на целото свое 13 годишно постоење. Регистрирано е во 1996 година, веднаш после регистрацијата на Македонското астрономско друштво. Низ него поминале генерации на вљубеници во астрономската наука. Сега, доведено е до работ на постоењето. Причините се како и секогаш главно финансиски, но и човечки, општествени. Ние, кои го започнавме овој пат, имавме за цел да се создаде јадро на луѓе кои се инересираат за астрономијата и кои би можеле да помогнат во приближувањето на таа наука на граѓаните на Битола. Своевидна срамота беше што тоа требаше да се прави на крајот на 20 - тиот век, но немавме друг избор. Со голем ентузијазам и помош од наши наставници, пријатели, успеавме да направиме нешто. Потое следуваа предавања, патувања, гостувања на локални медиуми. Повеќе можете да прочитате во делот за историја ако го искористите линкот во менито горе.
 
     Она што го означи падот на овој наш проект беше постепеното одлевање на членството. Тоа е она со кое што сите организации во градовите од „внатрешноста“ мораат да се соочат. Младите луѓе заминуваат, и најчесто не се враќаат назад, бидејќи за жал градот не нуди нешто со кое би го задржал некој кој се интересира за природни науки. Наш неуспех е тоа што не успеавме да привлечеме довлен број на помлади луѓе кои би го покриле дефицитот кој заминувањето на стари членови го остава. Но, тоа не е едниствениот проблем. Имаме впечаток дека и интересот кај младите за овие науки кои се темел на секој посериозен развој опаѓа. Располагајќи со ограничени средства, во таква ситуација го имаме сегашниот резултат.
 
     А средствата за работа кај непрофитни организации доаѓаат од спонзорства или од општински донации. Тие ги нема затоа што свеста кај локалната самоуправа а уште повеќе кај локалните (приватни) компании е толку ограничена што не согледува која е ползата од нашето постоење. Наша политика беше (и сеуште е) дека секое јавно и организирано набљудување кое го организиравме за граѓаните користејќи наша опрема беше бесплатно. Останавме на тој став бидејќи не сакаме да профитираме од астрономијата. Гледајќи каков е односот кон нас, можеби ќе треба да започнеме со наплата и со тоа конечно да го славиме профитот наместо сознанието. И покрај тоа што друштвото има учествувано со свои проекти на неколку конкурси кои се распишани од страна на локалната самоуправа, се што сме добиле е место во фиока каде што тие проекти гнијат. Еден таков проект беше и проектот за изградба на градска опсерваторија.
 
     Апелираме до локалните власти да си ги доведат приоритетите во ред. Апелираме и до сите заинтересирани кои сакаат да ни се придружат во нашата нерамна борба за популаризација на астрономијата да го сторат тоа. Бидејќи сега немаме свои простории, може да не контактирате на адресите наведени под линкот „Контакт“. Потребни се нови членови како и секогаш.
Последно освежено на Сабота, 18 Април 2009 14:53