Радио мапа на 3C61.1 PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Сабота, 23 Октомври 2010 18:06

Уште од своите почетоци то триесеттите години на 20 - тиот век, радио - астрономијата непрекидно се развива паралелно со развојот на техниките за прием на електрон=магнетните бранови од радио подрачјето на спектарот и со техниките на обработка на примените сигнали. Тој развој стигна до таму што денеска токму радио астрономијата е во состојба да набљудува објекти на небото со најголема резолуција, тоест со способност да разликува најмали детали во набљудуваниот објект. Таква способност сеуште недостига на пример кај оптичката астрономија (оние инструменти кои снимаат во фреквенциите на видливата светлина).

 Оваа способност на радио астрономијата е остварена со користење на таканаречената техника на интерферометрија, кога за набљудување не се користи само еден радио телескоп (кој е една голема антена во вид на чинија) туку повеќе телескопи поврзани да функционираат како еден инструмент. Секој кој што го погледнал филмот „Контакт“ знае за што станува збор. Во него беше прикажан еден таков интерферометар - VLA (Very Large Array) во Ново Мексико - С.А.Д.

Во последно време се менува и изгледот на ваквите инструменти. Веќе е можно да се конструираат вакви инструменти без користење на препознатливите чинии, туку само со статични комплекси на мали антени. Изборот на правецот во кој ќе се набљудува и целата обработка на податоци се изведува софтверски. Она што е посебно интересно е фактот дека ваквите инструменти може да набљудуваат во повеќе правци истовремено, или дури да го набљудуваат и целото небо истовремено. Пример за ваков инструмент е LOFAR.

Како пример за тоа како изгледа една слика на небото добиена со помош на овој телескоп погледнате го ова:

 радио слика

прикажан е изгледот на небото (сликата зафаќа површина од 3 x 3 степени) снимен со помош на LOFAR. Точките се извори на радио зрачење. Изборот на бои е направен со цел да се нагласи контрастот. Можеме да избереме било каква палета на бои. Во радио подрачјето зрачењето потекнува од таканаречените радио галаксии кои се всушност галаксии во чиишто јадра се случува нешто мистериозно кое што ослободува огромна енергија која ние ја регистрираме.

 

Во центарот на сликата е една блиска и моќна радио галаксија - 3C61.1 е нејзината ознака, што значи дека е 61 по ред објект во третиот каталог на вакви радио галаксии направен од радио опсерваторијата во Кембриџ, Англија. Eве како изгледа:

3C61.1

Зрачењето има сосема поинакво потекло од она кое што го чувствуваме секој ден на Земјата како зрачење од Сонцето. Радио брановите во случајов се последица на електрони кои се заробени во магнетното поле на галаксијата и поради тоа емитуваат зрачење. Двата региони со кружна форма се региони на зголемено зрачење, за кои се мисли дека се местата каде што исфрлениот млаз на честички од јадрото на галаксијата се судира со гасот кој што се наоѓа околу неа. Размерот даден горе десно ни помага да се увериме дека овој регион на редио зрачење е поголем од нашата галаксија. Објектот се наоѓа во соѕвездието Кефеј кое е видливо од Македонија во текот на целата година.

Последно освежено на Сабота, 23 Октомври 2010 20:08