Астро Камп - Берово 2011 PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Среда, 03 Август 2011 12:46

Во организација на Скопското Астрономско Друштво (САД) беше организиран астро камп во близина на Беровското езеро. Кампот траеше од 29 Јули до 2 Август 2011 година. На истата локација беше организиран астро камп пред 4 години, и тогаш сите учесници беа многу задоволни.

Решив да им се придружам на колегите оваа година и да го споделам ноќното небо со нив. Одбрав пократок престој, од 30 Јули до 1 Август поради тоа што имав и други обврски, но во секој случај не се разочарав. Набљудувачкото место беше поставено блиску до сместувањето (вила „Зора“, а постоеше можност и за поставување на шатори) на висина од околу 1000 метри. Бидејќи немав кола, до местото требаше да дојдам со автобус преку Струмица и Берово, а потоа со такси, што беше патешествие само по себе, но не и премногу тешко.

 

Успеав да ги обновам познанствата со моите пријатели од Скопје и да запознаам нови членови на САД, за кое што можам да кажам дека е видливо оти се развива по нагорна линија. Голем број на членови имаат сосема солидна опрема, се занимаваат со астро фотографија на напредно ниво, и несебично го споделуваат стекнатото знаење со секој кој е заинтересиран.

Успеав да „фатам“ една целосна набљудувачка ноќ, а на втората небото се затвори со облаци и започна да врне дожд околу 23 часот. Но, и покрај тоа, погледавме неколку објекти од длабокото небо користејќи го добсоновиот телескоп на Радан со дијаметар на огледало од 400 mm, кој се покажа лесен за користење. Мартин си ја следеше својата програма на астро фотографирање, и сигурно ќе видиме некои од добиените слики наскоро. Имаше и еден Meade LX 200 телескоп со огледало од околу 200 mm, џиновски двоглед на сопствена монтажа, како и помали телескопи. За жал, од преголема концентрација на небото, заборавив да направам слики од поставената опрема. Небото беше одлично, прекрасно се гледаше млечниот пат и расфрланите ленти од прашина низ него. М31 беше лесно видлива со голо око, а забележавме и неколку посјајни метеори, како најава за Персеидите кои достигнуваат врв на активност околу 11 Август.

Преку ден направивме мала екскурзија до не така блиските водопади и ја посетивме браната на вештачкото езеро. Се на се, добар астро камп кој прераснува во традиција. Мој предлог беше наредната година да се оди на пелистерските очи, затоа што небото таму е уште поубаво. Пристапот би бил малку потежок, но ако работиме заедно, се е можно. Наскоро би требало да се појави подетален извештај на веб страната на САД - линкот до неа може да го пронајдете десно на нашата страница. До следната година, ви посакувм на сите чисто небо.