Разно
Радио мапа на 3C61.1 PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Сабота, 23 Октомври 2010 18:06

Уште од своите почетоци то триесеттите години на 20 - тиот век, радио - астрономијата непрекидно се развива паралелно со развојот на техниките за прием на електрон=магнетните бранови од радио подрачјето на спектарот и со техниките на обработка на примените сигнали. Тој развој стигна до таму што денеска токму радио астрономијата е во состојба да набљудува објекти на небото со најголема резолуција, тоест со способност да разликува најмали детали во набљудуваниот објект. Таква способност сеуште недостига на пример кај оптичката астрономија (оние инструменти кои снимаат во фреквенциите на видливата светлина).

 Оваа способност на радио астрономијата е остварена со користење на таканаречената техника на интерферометрија, кога за набљудување не се користи само еден радио телескоп (кој е една голема антена во вид на чинија) туку повеќе телескопи поврзани да функционираат како еден инструмент. Секој кој што го погледнал филмот „Контакт“ знае за што станува збор. Во него беше прикажан еден таков интерферометар - VLA (Very Large Array) во Ново Мексико - С.А.Д.

Во последно време се менува и изгледот на ваквите инструменти. Веќе е можно да се конструираат вакви инструменти без користење на препознатливите чинии, туку само со статични комплекси на мали антени. Изборот на правецот во кој ќе се набљудува и целата обработка на податоци се изведува софтверски. Она што е посебно интересно е фактот дека ваквите инструменти може да набљудуваат во повеќе правци истовремено, или дури да го набљудуваат и целото небо истовремено. Пример за ваков инструмент е LOFAR.

Како пример за тоа како изгледа една слика на небото добиена со помош на овој телескоп погледнате го ова:

 радио слика

прикажан е изгледот на небото (сликата зафаќа површина од 3 x 3 степени) снимен со помош на LOFAR. Точките се извори на радио зрачење. Изборот на бои е направен со цел да се нагласи контрастот. Можеме да избереме било каква палета на бои. Во радио подрачјето зрачењето потекнува од таканаречените радио галаксии кои се всушност галаксии во чиишто јадра се случува нешто мистериозно кое што ослободува огромна енергија која ние ја регистрираме.

Последно освежено на Сабота, 23 Октомври 2010 20:08
Повеќе...
 
ДЕТЕКЦИЈА НА ГРАВИТАЦИОНИ БРАНОВИ ОД OJ287 PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Среда, 24 Јуни 2009 23:10
     Она што следува е краток опис на истражувањето на кое работев изминатава година. После објавениот напис во списанието „Природа“ (Nature) во Септември 2008, се решив да испробам еден нов метод на овој систем. За што станува збор? Објектот OJ287 е блазар кој е оддалечен околу една милијарда светлосни години од Земјата. Уште од поодамна се знае дека е со променлив сјај. Причините за промените се извор на долгогодишна дебата. Тим од астрономи од Финска предложи дека набљудуваните промени во сјајот би можеле да се објаснат ако се претпостави дека во срцето на објектот се наоѓа бинарен систем од супермасивни црни дупки. Едната со маса од 18 милијарди сонца, а другата од околу 100 милиони сонца.
 
 

 
     Се чини дека таквата конфигурација ја објаснува промената на сјајот. Но, ако ваквиот систем од црни дупки постои, тогаш би требало да зрачи гравитациони бранови. Предложената орбита е со период од 12 години, а ексцентрицитетот на орбитата е 0.663. Па, кога двата објекти се најблиску, системот би требало да произведе еден импулс на гравитациона енергија која ќе замине од него со брзина на светлината. Сакав да знам дали тоа бранување на простор-времето би било можно да се набљудува на Земјата. Масите на објектите се огромни, но системот е многу далеку... Бидејќи мои колеги се занимаваат со детекџија на гравитациони бранови користејќи пулсари, мислев дека ќе биде добро да се проба тој метод.

     Најпрво малку објаснување. Според општата теорија на релативноста (ОТР) на Ајнштајн, она што ние го доживуваме како гравитација е всушност закривеност на простор времето. Простор време е концепт кој го опишува 3D просторот во кој живееме, и времето. Во рамките на ОТР, тие се еден ентитет наречен простор-време. Сега, кога многу масивни објекти се во движење, тие не само што го искривуваат простор-времето, туку создаваат и мали бранчиња во него кои се шират насекаде со брзина на светлината. Тие се гравитационите бранови. Пулсарите се многу мали но многу густи и тешки ѕвездени јадра. Создаваат силни магнетни полиња, и исфрлаат млазеви на честички и зрачење од (две) строго опредеени точки на својата површина. Овие објекти брзо ротираат, па ако тој млаз ја погоди Земјата, ние гледаме блесоци еднаш на секое завртување на пулсарот. како овие два концепти би се поврзале? Па, светлината патува по точно определени патеки низ простор времето. Ако тоа е макар и малку искривено, тогаш на светлината ќе и треба повеќе време за да стигне од пулсарот до Земјата. Така, ако набљудуваме еден пулсар подолго време, и знаеме точно кога неговите импулси на светлина треба да пристигнат, а тие задоцнат, тогаш ако немаме друго објаснување зошто задоцниле, причината може да биде гравитационен бран кој поминува помеѓу Земјата и пулсарот.
 
 

 
     Најпрво, треба да се пресмета колку гравитационите бранови кои ги емитува изворот OJ287 би го задоцниле импулсите во однос на предвиденото време на пристигнување. Бидејќи системот е масивен, а и орбитата не е кружница, користиме малку модифицирана теорија на гравитација која ги зема во предвид и релативистичките ефекти. Потоа, се пресметува колквава е јачината на закривувањето на простор-времето на местото каде што се наоѓа пулсарот кој го набљудуваме, и на местото на кое се мерат импулсите емитувани од пулсарот (Земјата). Го интегрираме тој ефект за цело време на набљудувањето, и ги одземаме овие две влијанија. Како резултат се добиваат задоцнувањата. Прикажани се во наносекунди во однос на времето на набљудување изразено во модифицирани Јулијански денови (MJD). Можеме да видиме дека задоцнувањата се екстремно мали. Се на се, две нано секунди. Тоа е навистина кратко доцнење. Моментално не постои радио телескоп на зенјата кој може да го измери. Значи, не може сеуште директно да измериме дали навистина системот на OJ287 зрачи гравитациона енергија. Но, можеме да симулираме нешто.

     Ако на вака пресметаните доцнења додадеме (Гаусов) шум, можеме да ги сметаме како „набљудувања“. Па, будејќи ги имаме пресметаните доцнења, може да направиме анализа и да испитаме дали орбиталните параметри на системот од црни дупки можат да се дознаат од ваквата анализа.
 
 


     Користам баесов пристап, и проблемот е формулиран преку функција на очекување. Кога таа функција ќе се пресмета, можеме да ја маргинализираме по сите останати параметри (вкупно шест во случајов) и да ја пронајдеме вредноста на еден од параметрите. Ова се повторува онолку пати, колку што е бројот на параметри кои сакаме да ги извлечеме од моделот. Проблемот е што процесот на маргинализација е всушност интегрирање на функцијата на очекување, а таа е доста компликувана. дури и во случај на мал број на параметри, класичните техники на интеграција со мрежа на пример би одзеле многу време. Затоа е употребен Монте Карло методот, но малку изменет (Метрополис варијанта со Марков процес кој помага при интеграцијата). На тој начин, се задржуваме само на важните места во доменот на интеграција. Резултатите се прикажани подолу. Се гледа дека и во случај на разгледување на само два параматри, функцијата на очекување е сосема грозна за интеграција. Прикажани се два случаи на извлечените параметри. Во првиот, извлекувањето е успешно, додека во вториот обид, не баш.
 
 

     Ако ги прикажеме формите на задоцнувањата на импулсите за двата случаи, очигледно е дека првиот релативно добро ги пронаоѓа орбиталните параметри од интерес.
 
 
 
     Заклучок е дека баесовиот метод на анализа заедно со Монте Карло - Метрополис методот на интеграција не е баш најсоодветен метод за анализа на вакви детерминистички извори на гравитациони бранови. А треба и да се потсетиме дека и самите задоцнувања се неверојатно мали, според пресметките. Со сегашното темпо на развој на потребните инструменти, за околу 10 години ќе ја имаме потребната прецизност за да извршиме вакви мерења.

Извинување за англиските ознаки на сликите.
Последно освежено на Среда, 24 Јуни 2009 23:20
 
Состојба PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Сабота, 18 Април 2009 13:49
     Астрономското друштво Битола се наоѓа во можеби најнезавидна состојба во текот на целото свое 13 годишно постоење. Регистрирано е во 1996 година, веднаш после регистрацијата на Македонското астрономско друштво. Низ него поминале генерации на вљубеници во астрономската наука. Сега, доведено е до работ на постоењето. Причините се како и секогаш главно финансиски, но и човечки, општествени. Ние, кои го започнавме овој пат, имавме за цел да се создаде јадро на луѓе кои се инересираат за астрономијата и кои би можеле да помогнат во приближувањето на таа наука на граѓаните на Битола. Своевидна срамота беше што тоа требаше да се прави на крајот на 20 - тиот век, но немавме друг избор. Со голем ентузијазам и помош од наши наставници, пријатели, успеавме да направиме нешто. Потое следуваа предавања, патувања, гостувања на локални медиуми. Повеќе можете да прочитате во делот за историја ако го искористите линкот во менито горе.
 
     Она што го означи падот на овој наш проект беше постепеното одлевање на членството. Тоа е она со кое што сите организации во градовите од „внатрешноста“ мораат да се соочат. Младите луѓе заминуваат, и најчесто не се враќаат назад, бидејќи за жал градот не нуди нешто со кое би го задржал некој кој се интересира за природни науки. Наш неуспех е тоа што не успеавме да привлечеме довлен број на помлади луѓе кои би го покриле дефицитот кој заминувањето на стари членови го остава. Но, тоа не е едниствениот проблем. Имаме впечаток дека и интересот кај младите за овие науки кои се темел на секој посериозен развој опаѓа. Располагајќи со ограничени средства, во таква ситуација го имаме сегашниот резултат.
 
     А средствата за работа кај непрофитни организации доаѓаат од спонзорства или од општински донации. Тие ги нема затоа што свеста кај локалната самоуправа а уште повеќе кај локалните (приватни) компании е толку ограничена што не согледува која е ползата од нашето постоење. Наша политика беше (и сеуште е) дека секое јавно и организирано набљудување кое го организиравме за граѓаните користејќи наша опрема беше бесплатно. Останавме на тој став бидејќи не сакаме да профитираме од астрономијата. Гледајќи каков е односот кон нас, можеби ќе треба да започнеме со наплата и со тоа конечно да го славиме профитот наместо сознанието. И покрај тоа што друштвото има учествувано со свои проекти на неколку конкурси кои се распишани од страна на локалната самоуправа, се што сме добиле е место во фиока каде што тие проекти гнијат. Еден таков проект беше и проектот за изградба на градска опсерваторија.
 
     Апелираме до локалните власти да си ги доведат приоритетите во ред. Апелираме и до сите заинтересирани кои сакаат да ни се придружат во нашата нерамна борба за популаризација на астрономијата да го сторат тоа. Бидејќи сега немаме свои простории, може да не контактирате на адресите наведени под линкот „Контакт“. Потребни се нови членови како и секогаш.
Последно освежено на Сабота, 18 Април 2009 14:53
 
Сoнчев часовник во Битола PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Петок, 06 Март 2009 22:23
     Сончевиот часовник се наоѓа на централниот плоштад. Проектот за неговата конструкција е дел од реконструкцијата на Широк Сокак на кој преовладуваат градби од почетокот на 20 - тиот век.
      Сончевиот часовник е од вертикален тип, со тоа што ѕидот е завртен кон исток за агол малку помал од 10 степени. Димензиите се помалку невообичаени - 12 на 5 метри, но во целина, часовникот одлично се вклопи во околината и ја облагороди со своето присуство. Поради големите димензии, времето може да се отчитува на оддалеченост од околу 30 метри, што задоволува, имајќи ја во предвид позицијата на часовникот (кој се е завртен кон плоштадот).
 
Повеќе...
 
Извештај за набљудувањето на транзитот на Венера PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Петок, 06 Март 2009 21:02
     Овој несекојдневен настан се случува многу ретко, и тоа е доволна причина да му се посвети посебно внимание. Направени беа напори да се соберат што е можно повеќе податоци за да се направи поопсежна анализа. Набљудувано е визуелно, и фотографски. Предвиденото е во целост реализирано, и добиени се одлични резултати.
Последно освежено на Петок, 06 Март 2009 22:06
Повеќе...
 
<< Почеток < Пред 1 2 3 Следно > Крај >>

Лист 2 од 3