ATM
Цевка и монтажа PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Петок, 17 Април 2009 16:40
     Пред да ја изработиме цевката, огледалото треба да се монтира во своја т.н. ќелија која е така дизајнирана да го поддржува огледалото при сите ориентации на телескопот и да не дозволи тоа да отстапи од параболичната форма која му е дадена во текот на изработката. Ќелијата може да ја изработиме од иверица и тоа од два дела. Првиот служи за поврзување на самата ќелија со цевката, а вториот го носи огледалото кое не е прицврстено за неа, туку се поддржува во три точки на дното на огледалото, и на три точки по страните така што да не може да падне како и да се насочи цевката. Двата дела на ќелијата се поврзани со пеперутка навртки и одделени со пружини за да може да се регулира правецот на оптичката оска на огледалото. Постојат и посебни софтверски пакети за дизајнирање на ќелијата, но за овој проект и за оваа големина на огледалото, доволен е и овој дизајн со потпирање во три точки.
 

 
 

Слика 12. Софтверски генерирани контури на напрегање во стаклото кога се поддржува од ќелија со 6 точки на поддржување (изработената ќелија има 3 точки)

 

Слика 13. Посребреното огледало монтирано во изработената ќелија

 
     Цевката на телескопот може да се направи од различни материјали, или да се изведе од цевки така што да биде решеткаста, но наједноставно е да ја направиме од PVC цевка за канализација со потребен дијаметар. На едниот крај ја прицврстуваме ќелијата која го носи огледалото. На другиот крај го поставуваме секундарното огледало кое што служи за да го прекрши конусот на светлина кој што доаѓа од примарното огледало под прав агол и да го доведе до окуларот. Секундарното огледало е мало рамно огледало со форма на елипса метализирано однапред. Многу е тешко да се направи рачно и затоа најчесто се купува. Бидејќи секундарното огледало се наоѓа пред примарното, тоа блокира дел од светлината која што стигнува до примарот. Ова е неизбежно кај њутновите рефлектори, но не е пресудно за квалитетот на сликата. Големината на секундарот зависи од дијаметарот на примарот и од висината на фокусерот кој ќе го користиме. Секундарот се монтира на т.н. “пајак”. Најпрво се прави тело за секундарот од иверица. Најчесто секундарот доаѓа прицврстен на држач со кружен пресек. Ако тоа не е случај, може да направиме држач за него со пресекување на парче дрво со кружен пресек така што на едниот крај го сечеме нормално на оската, а на другиот крај под агол од 45 степени. На овој крај го лепиме секундарот. Дијаметарот на држачот е ист со должината на малата оска на секундарното огледало. Во центарот на телото бушиме дупка низ која проаѓа завртка која излегува од држачот на секундарот. Една навртка се навртува на завртката и со ова се поврзуваат телото и држачот. Три помали дупчиња под агол од 120 степени едно во однос на друго се дупчат низ телото, а низ нив одат завртки за метал кои допираат до држачот. Со нив се нагодува ориентацијата на секундарот. Три метални ленти со доволна цврстина за да ја издржат тежината на секундарот и телото се лепат на телото под агол од 120 степени една од друга. Лентите треба да се широки колку дебелината на телото, а другиот крај им завршува до внатрешната страна на цевката каде што се свиткани под агол од 90 степени и издупчено е дупче за навртка и завртка со кои пајакот заедно со секундарот се прицврстува за цевката. Фокусерот може да се купи или да се направи од пластичен сифон за одвод. Најпрво на определено место од цевката се прави дупка со нешто помал дијаметар од дијаметарот на поширокиот крај на сифонот. Потоа сифонот се лепи за цевката. Во потесниот крај се става дел од истата цевка со цел да се намали дијаметарот за да може да се постават окуларите и лесно да се менуваат. Се фокусира со помесување на двете цевки. Треба така да се нагоди што цевките лесно ќе се движат, но не прелесно за да не може постигнатиот фокус да се одржи. Висината (должината) на фокусерот и растојанието на пајакот и секундарот од површината на примарот се заемно зависни. Пред да се прицврсти секундарот и да се прави фокусерот треба внимателно да се пресмета, а може да ни помогнат секако бројните софтверски пакети кои постојат и кои се создадени за оваа цел. Внатрешноста на цевката треба да ја обоиме со црна мат боја за да ја намалиме рефлективноста, а може да поставиме и пречки за рефлектираната светлина. Тие имаат форма на прстени чии што надворешни дијаметри се еднакви со внатрешниот дијаметар на цевката. Внатрешниот дијаметар на секој прстен е различен, а тој како и позицијата на прстенот во цевката исто така се добиваат со пресметка, или може да се пресметаат со користење на софтвер. Прстените може да се изработат од тенка шперплоча. Надворешноста на цевката се бои по желба.
 
 
Слика 14. Изглед на цевката. Видливи се примарот, секундарот, и дел од фокусерот
 
     Монтажата има за цел да ја носи цевката и да овозможи контролирано насочување на телескопот кон небесните тела, и нивно следење по небото. Во случајов монтажата беше направена од водоводни цевки. Со користење на различни елементи кои вообичаено се користат за поставување на водоводна инсталација може да се направи сосема солидна монтажа која успешно ја носи цевката на телескопот и може да се насочува по воља како и да се фиксира во посакуваниот правец. Цевката на телескопот се прицврстува за монтажата со користење на стеги со соодветен дијаметар кои се стандардни и кои може да се купат во секоја продавница за железарија.
 
 
Слика 15. Цевката споена на монтажата
 
     Телескопот е готов. Во текот на првите набљудувања тој треба да се колимира (оптички нагоди) така што оптичките оски на примарот и секундарот да се поклопат и да се постигне целосна осветленост на видното поле. Тоа се прави со помош на трите завртки на примарот и на секундарот. Окулари може да се земат од стар микроскоп кој не се користи или да се купат, иако може да бидат прилично скапи посебно ако се поквалитетни. Првите тестни слики од Месечината се прикажани подолу. Левата е снимена со зголемување од 40, а десната од околу 70 пати. И двете се снимени со проста дигитална камера, и може да се забележи дека фокусирањето не е идеално.
 

Слики 16 и 17. Полна месечина и дел од површината блиску до терминаторот
Последно освежено на Петок, 17 Април 2009 17:07
 
Посребрување PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Петок, 17 Април 2009 16:31
     Кога ќе завршиме со фигурирањето, огледалото е спремно за метализирање со цел да се зголеми неговата рефлективност до 100%. Можни се две постапки: посребрување и алуминизација. Посребрувањето може да се изврши и во домашни услови, но сребрениот слој реагира со сулфурот во воздухот и постепено потемнува за време од 6 месеци до година, па е потребно повторно да се нанесува. Алуминизацијата е трајна, но не се изведува во Македонија и не може да се прави во домашни услови (потребни се високи температури и вакуум).За овој проект, огледалото беше посребрено. Во оваа фаза од изработка од астрономот се бара да ги познава основите на хемијата. Постојат неколку постапки за посребрување на огледала во домашни услови. Ние ќе го користиме Брешеровиот метод. Во понатамошните постапки треба да внимаваме затоа што се работи со опасни и корозивни супстанции, па минимална и неопходна е заштитата на рацете со ракавици од латекс, а пожелно е да се има и очила за заштита од евентуално прскање на хемикалии. Постапката треба да се изведува во просторија со добра вентилација на температура од 20 степени целзиусови. Најпрво подготвуваме основенн раствор од 90g обичен шеќер, 4ml концентрирана азотна киселина (HNO3), 175ml алкохол и 1l дестилирана вода. Го раствораме шеќерот во 3/4 од дестилираната вода, во тој раствор го додваме алкохолот и внимателно ја додаваме азотната киселина која ја внесуваме полевајќи ја низ стаклено стапче или пополека со капалка. Се долева вода до литар, и вака припремениот раствор се остава да отстои најмалку 10 дена. Површината која што ќе се посребрува треба да биде хемиски чиста. Затоа, огледалото го переме со раствор на детергент и топла вода неколку пати. Потоа, со стапче на чиј врв е намотан памук натопен во ацетон темелно ја чистиме површината на огледалото. Со оваа постапка треба да се осигураме дека нема заостанати мрснотии на површината на огледалото. Со друго стапче (чепкалка) натопено во концентрирана азотна киселина внимателно ја чистиме површината на огледалото, а потоа со посебна чепкалка натопена во дестилирана вода ја пребришуваме површината. Водата формира тенок слој по површината. Ако веднаш после ова овој слој се прекине на некои места (се формираат кругчиња), тоа значи дека површината не е добро исчистена, и чистењето треба да го започнеме од почеток. Ова е многу важно за успешно посребрување. После успешното чистење, површината на огледалото не смее да се исуши. Затоа, огледалото го поставуваме во сад во кој има малку дестилирана вода така што површината која сме ја чистеле да е покриена со вода. Сега можеме да го подготвиме растворот за посребрување. Најпрво припремаме 1% раствор од сребро нитрат (AgNO3) и калиум хидроксид (KOH). Тоа се прави така што се зема потребниот износ на супстанцијата од која се прави раствор и 99 пати поголем износ на дестилирана вода. При ова важи за дестилираната вода важи: 1cm3 = 1ml = 1g. Во следната табела се дадени потребните количества на супстанции во зависност од дијаметарот на огледалото.
 
Пречник на огледалото (cm) Сребро нитрат (g) Калиум Хидроксид (g) Амонијак со густина 0.88 g/cm3 Основен раствор (ml)
5 0.5 0.25 0.5 3
10 1.8 0.9 1.5 10
15 4.0 2.0 3.0 25
20 7.0 3.5 6.0 40
25 11.0 5.5 9.0 65
30 15.0 7.5 12.0 85

 

Табела 1. Потребни количества на супстанции во зависност од дијаметарот на огледалото

 

     Во нашиот случај потребни се 4g сребро нитрат, 2g калиум хидроксид од кои се припремаат 1% раствори и 3g амонијак. Овие супстанции се купуваат во секоја подобро снабдена аптека. Уште еднаш е потребно да се истакне дека е потребно да се биде особено внимателен при работата со овие супстанции. Растворот на амонијак има особено силен мирис и не треба да се вдишува. Калиум хидроксидот е силна база и ако дојде во контакт со кожата создава тешки изгореници. Растворот од сребро нитрат е отровен. Се зема 9/10 од растворот на сребро нитратот и во него со капалка се капнува амонијак. Се забележува дека провидниот раствор на сребро нитрат се заматува. Амонијак треба да се докапува полека и постепено со мешање се додека растворот пак не стане провиден. Не треба да се претера со додавање амонијак, бидејќи тој го спречува таложењето на среброто. Кога растворот пак ќе се избистри, се додава со капнување од преостанатиот раствор од сребро нитрат се додека не започне благо заматување на растворот. Потоа се додава малку раствор од калиум хидроксид а растворот добива темно кафеава боја. Во текот на овие операции постојано мешаме. Пак се капи амонијак се додека растворот не се избистри, и се повторуваат операциите. Се продолжува се додека не се истроши цел раствор на сребро нитрат, а потоа не се додава ништо. Во еден сад се меша добиениот раствор и определено количество од одлежаниот основен раствор (според табелата). Веднаш се внесува огледалото и тоа само предната површина (огледалото е свртено надолу). Одвреме навреме се помрднува садот со растворот и се остава да се таложи среброто. Таложењето трае околу 20 минути, а огледалото треба да се фиксира на некој начин, а може и да се потпре во центарот па така да стои во растворот. Таложењето е прекрасен процес, и можеме да гледаме како среброто постепено ја исполнува површината на огледалото. Овде станува јасно колку е важна чистотата на огледалото, бидејќи среброто нема да се таложи на нечист дел од површината. Таложењето треба да се прави при температура од околу 20 степени. Ако е поладно, среброто тешко се издвојува од растворот. Во тој случај целиот сад може да го потопиме во топла вода и така да се обидеме да го забрзаме процесот. Кога таложењето е готово, огледалото го вадиме од растворот и веднаш го миеме со млазеви од дестилирана вода. Поефикасен начин е да го измиеме со помош на прскалка која сме ја наполниле со дестилирана вода. Потоа го оставаме огледалото да се исуши. Посребрувањето е успешно ако се формира рефлективен слој на сребро со доволна дебелина да рефлектира околу 100% од упадната светлина и ако на површината на металот не се формира белузлав слој кој може да настане ако огледалото не се мие со дестилирана туку со обична вода или ако таложењето траело премногу долго. Со ова изработката на огледалото е успешно завршена. Останува да се изработи цевката на телескопот и монтажата.
Последно освежено на Петок, 17 Април 2009 16:38
 
Формирање PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Петок, 17 Април 2009 16:09
     Постапката е иста како и при полирањето, но движењата се различни. Движењето е како буквата W, при што работ на огледалото излегува за 1/3 надвор од рабовите на алатот.
 

 
Слика 7. Основно движење при фигурирање (патеката на центарот на огледалото врз алатот)
 
     Во текот на фигурирањето, се врши контрола на степенот на параболизација. Во почетокот, може да се користи Рончи тестот, за кој е потребна провидна фолија на која се нанесени тенки линии (околу 100 на 1 mm). Фолијата може да се изработи со печатење. Од извор кој е блиску до оптичката оска на огледалото се пушта светлина од точкаст извор кон огледалото, и рефлектираната светлина се набљудува низ фолијата. Формата на линиите кажува се за површината на огледалото. Постојат повеќе програми кои се напишани специјално за да помогнат во интерпретација на линиите. За конечна контрола на површината се користи Фукоовиот тест. Ова е најпрецизниот тест кој воопшто може да се изведе во аматерски услови, и мери отстапувања од идеалната форма кои се споредливи со дел од брановата должина на светлината. За да го тестираме огледалото со фукоовиот тест, мора да направиме сопствена апаратура за тестирање. За таа цел, се прави носач за огледалото (на пример од иверица). Важно е огледалото да може лесно да се поставува и отстранува од носачот, како и да може оптичката оска на огледалото да се нагодува да биде хоризонтална. Огледалото мора да биде фиксирано на носачот, во спротивно може да падне и да се оштети, а можеби и уништи во текот на тестирањето. Вториот дел од апаратурата го носи изворот на светлина кој мора да биде поставен на оптичката оска на огледалото. Како извор на светлина може да се користи LED диода чија што светлина ја пропушаме низ парче од метална фолија на која е направено мало дупче со врв на игла. Ова симулира точкаст извор на светлина. На работ на структурата која што ја носи диодата треба да има можност да прицврстиме парче фолија со нанесени линии (за тестот на Рончи), или жилет (фукоов тест). Платформата која ја носи диодата треба да биде подвижна трансверзално (нормално на оптичката оска на огледалото) и лонгитудинално (долж оптичката оска). Поместувањето вдолж оптичката оска треба да се мери со голема точност. За ова може да адаптираме микрометар, или поместувањето да го вршиме со помош на завртка (за метал), па прецизно да го мериме аголот на завртување кој ќе го претвориме во линеарно поместување ако го знаеме чекорот на навојот на завртката.
 

Слика 8. Поставка за изведување на тестовите на Рончи и Фуко
 
     Го поставуваме огледалото на држачот, а наспроти него на неговата оптичка оска го поставуваме делот кој го содржи изворот на светлина. Овој дел го поместуваме долж оптичката оска, а во исто време набљудуваме при што окото треба да го држиме блиску до крајот на жилетот. Тестот се прави во замрачена просторија. Кога изворот на светлина ќе се најде во центарот на кривината на огледалото (ова растојание е двапати поголемо од фокусното растојание на огледалото), ликот на изворот се формира исто така во центарот на кривината. Во тој момент, ја гледаме целата површина на огледалото осветлена. Ако ја поставиме фолијата за тестот на Рончи пред окото, ќе видиме дека на површината се видливи паралелни прави линии. Нивната форма и начинот на кој таа се менува кога апаратурата споро ја придвижуваме кон и од огледалото, кажува се за формата на површината на огледалото. Кај сферно огледало, линиите во центарот на кривината се прави и паралелни. Постојат многубројни софтверски пакети кои помагаат во интерпретацијата на разните форми. Важно е и да се внимава на т.н. TDE (Turned Down Edge – спуштен раб). Ова се појавува ако површината на работ на огледалото отстапува од сфера или парабола во смисол дека самиот раб стрмно се отстапува од предната површина, и е сериозен дефект. Негова корекција се врши со измена на движењето при фигурирањето. Како што се приближуваме кон параболична форма, формите на тестот на Рончи постојано се менуваат и според нив судиме за напредокот. Не треба да се претера со фигурирање, затоа што може да добиеме елиптична површина; нејзина корекција се прави со враќање на движење како при брусењето (1/3 потез).
 
 
Слика 9. Изглед на линиите на површината на огледалото при изведување на Ronchi тестот за параболично огледало со TDE
 
     Во тестот на фуко, повратниот сноп на светллина го пресекуваме со жилетот кој игра улога на остар раб. Тој се движи на пример од лево на десно, и притоа се можни неколку сценарија. Ако огледалото е сферно, и пресекуваме точно во центарот на кривината, целата површина на огледалото ќе се замрачи во исто време. Ако се поместиме кон или од огледалото и пресекуваме, тогаш се забележува сенка која оди од работ кон центарот и го прекрива огледалото. Во зависност од која страна во однос на центарот на закривеност го пресекуваме конусот на светлина, сенката ќе настапува од лево или од десно на површината на огледалото. Сега доаѓаме до интересниот дел. Нашата цел е да го доведеме огледалото до параболичен пресек. Параболата нема да ја фокусира светлината од извор на светлина кој е во “центарот” на кривината пак во центарот. Всушност, во овие услови, параболично огледало има фокуси кои лежат на отсечка. Како што пресекуваме со жилетот преку снопот на светлина (окото е секогаш блиску до работ), гледаме сенка, но сега таа нема прав раб, туку има форма на срп, а кога краевите ќе стигнат до половината иа огледалото, друга помала сенка се појавува на другата половина на огледалото. Ова е така, затоа што пресекуваме и замрачуваме зони од површината.
 
 
Слика 10. Форми на сенката што се гледа на огледалото при тестирање со фукоовиот тест за различни пресеци на површината
 
     Толкувањето на сенките и мерењето најчесто се прави со помош на софтвер. Најпрво изработуваме маска од картон или фолија на која означуваме со погодни отвори или јазичиња определени зони (зоните изразени во проценти од дијаметарот на огледалото или во милиметри ги внесуваме во софтверот). Потоа маската ја поставуваме врз огледалото и започнуваме со тестот. Ја замрачуваме првата зона, па се поместуваме накај огледалото (ова поместување е важно прецизно да се измери– со точност од 0.01mm) и ја затемнуваме наредната зона, и така за сите зони. Добиените вредности ги внесуваме во софтверот, и тој ја исцртува идеалната параболична површина, и нашата измерена.
 
 
Слика 11. Маска и затемнета трета зона при зонално тестирање на огледалото со фукоовиот тест
 
     Ако има несогласувања, продолжуваме со фигурирањето и контролите се додека не достигнеме прифатлива параболизација, што ни е предочена од софтверот. Идеална парабола е многу тешко, ако не и невозможно да се реализира. Авторот изработи и посебен софтвер во програмскиот пакет MATLAB за оваа цел кој може да се добие бесплатно. За комплетност, ќе ја наведеме формулата според која се пресметува растојанието помеѓу позициите на жилетот кога тој ги затемнува поодделните зони мерено од растојанието за кое е затемнета централната зона:
 

 
каде r е радиусот на соодветната зона на површината на огледалото, а R е радиусот на закривеност на сферното огледало (пред фигурирањето).
Последно освежено на Петок, 17 Април 2009 16:28
 
Полирање PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Петок, 17 Април 2009 15:27
     Полирањето е постапка при која се елиминираат сите нерамнини и огледалото се доведува до својата конечна форма, спремно за метализирање, а површината повторно ја враќа провидноста која ја загубила при брусењето. Полирањето се изведува со паста за полирање (циркониум оксид) која е доста тешко да се пронајде и зааедно со секундарното огледало се единствените компоненти потребни за изработка на телескопот кои не беше возможно да се пронајдат во Македонија во моментот на изработка. Потребно околу една супена лажица од материјалот за полирање на огледало со дадениот дијаметар. Потребна е и измена на алатот. Огледалото се полира со алат од смола (битумен), затоа што тој може на микро ниво да се приспособува кон променливата површина на огледалото како што полирањето напредува.
 

Слика 5. Маска за полирање и огледало спремно за почеток на полирањето
 
      Маската за полирање од битумен се подготвува на следниов начин. Потребно е околу еден килограм битумен (кој се купува цврст, во парчиња), колофониум (стотина грама) и восок. Целта е да се изработи маска која ќе одговара на површината на огледалото. Веќе знаеме дека алатот ја има истата закривеност како огледалото, па може да го искористиме него. За таа цел, сечеме лента од картон, и со неа го обвиткуваме дискот на алатот. Лентата ја лепиме, така што да формира брана висока еден до два сантиметри над површината на алатот. Пристапуваме кон подготовка на смесата. Во стара лимена конзерва која е доволно голема да го собере битуменот го ставаме целото количество, а потоа и определено количество колофониум. Конзервата ја загреваме се додека смесата не стане течна и постојано мешаме. Во работата со битуменот треба да бидеме претпазливи и да употребуваме заштита. Може да дојде до изгореници ако дојде во контакт со кожата, а тешко се отстранува од облека или покуќнина. Ако сепак треба да го отстраниме од нешто, можеме да пробаме со дизел. При загревањето би требало да избегнуваме отворен оган, затоа што ако случајно битуменот се излее, би можел да се запали. Најдобро е да користиме решо. Смесата треба да биде со определена тврдост. Ако изладиме дел, и во него притиснеме со ноктот, треба да можеме да направиме мал засек. Ако ноктот воопшто не влегува, на смесата се додава восок, а ако е премека се додава колофониум. Исто така, не смееме да дозволиме смесата да зоврие, но најважно е да не се појават меурчиња во внатрешноста. Затоа постојано треба да се промешува. Алатот треба да се загрее на околу 40 степени (може во топла вода или во рерна), потоа се мести хартиениот прстен кој се премачкува со крема за раце од внатрешната страна. Вака подготвен, алатот се поставува на рамна подлога, и подготвената смеса се излева врз алатот. Оградата од хартија треба да е доволно силна да го спречи битуменот да се излее. После ова, оставаме смесата да се стврдне колку да не тече, но сеуште да може да се формира. Раствараме малку од правот за полирање во вода така што да наликува на ретка кал, и ја премачкуваме површината на огледалото. Ја отстрануваме хартијата од рабовите на алатот, и врз него го поставуваме огледалото притискајќи. Многу е важно да не се дозволи да остане воздух во длабнатината на огледалото, бидејќи може да ја деформира површината на матрицата. Ако сепак се формира меурче од воздух, треба со помрднување на огледалото да се обидеме да го истиснеме. Ваквата поставка ја оптоваруваме со некој предмет (кофа со вода, тешки книги) и оставаме да стои се додека не се олади маската, а притоа таа ќе ја заземе формата што одговара на површината на огледалото. Ги разделуваме маската и огледалото (внимателно, и не со сила и вертикално, туку го туркаме огледалото странично, да лизга по маската). Ако не сакаат да се разделат, може да ги оставиме во фрижидер во длабоко замрзнување, и би требало лесно да се одделат. Пoсле ова, можеме повторно да го премачкаме огледалото со растворот од смесата за полирање и да го поставиме врз маската и оптовариме со тежина. Рабовите на дисковите треба да ги завиткаме со влажна крпа, за да не се исушат. Ги оставаме преку ноќ. Постапката се нарекува ладно пресување и би требало да осигура совршено совпаѓање на површините на маската и огледалото. Нареден чекор е изработка на канали во маската. Овие канали служат за да го намалат триењето помеѓу маската и огледалото во процесот на полирање, и за да ги собираат отпадоците во процесот на полирање. Каналите се прави линии кои го сечат дискот под прави агли, и формираат квадратчиња на површината на дискот со страна од 1 – 2 cm. Каналите може да се изработат на неколку начини. Маската се става во длабоко замрзнување за да се стврдне, а каналите се сечат со остар нож. Каналите се широки 5mm и исто толку длабоки. Засекувањето треба да се прави во ссодветна просторија бидејќи ладниот битумен е тврд, и при сечењето се распрснува на ситни парченца. Друг начин кој е полесен и помалку валкан го користеше авторот. Од алатка за сечење линолеум се зема предниот остар дел и се поставува на предниот дел на лемило. Лемилото зе загрева, и внимателно се прават каналите. Потоа се отстранува непотребниот дел од маската која претекол преку работ на дискот од алатот (ако има таков). Маската се загрева во топла вода, а потоа врз неа се поставува огледалото премачкано со растворот на правот за полирање и се оптоварува. Во текот на ова топло пресување, маската пак ја зазема формата на површината на огледалото која што може да ја изгубила во процесот на иссекување на каналите. При ова, битуменот се шири во просторот на каналите ако има потреба. Со ова, изработката на маската за полирање е готова.
 
 
Слика 6. Готова маска за полирање
 
      Алатот се прицврстува на работната површина исто како и при брусењето, и се започнува со полирањето. Движењата се исти како во текот на брусењето. Сега се користи смесата од прав за полирање растворен во вода, така што формира ретка кал. Таа се нанесува со четче или со лажичка па се размачкува по површината на огледалото, или се става во распрскувач па се прска површината на огледалото. Во текот на полирањето, се применнува притисок, но не премногу. Повторно, треба да се внимава на рабовите на огледалото кои најтешко се полираат. Исто така, треба да се внимава на контактот помеѓу матрицата и површината на огледалото. Ако се забележи дека матрицата ја губи формата, треба пак да се загрее и пресува. Во екстремен случај, ако никако не можеме да ја повратиме формата на матрицата, или ако во текот на нејзината изработка ја оштетиме, ќе мора да изработиме нова. После некое време од почетокот на полирањето, се забележува дека огледалото станува провидно, т.е. површината станува мазна и исчезнуваат и најситните нерамнини. Конечно после толку вложен труд за прв пат стануваме свесни дека она што го изработуваме станува огледало. Треба да не потклекнеме на искушението и да продолжиме со полирањето без брзање да завршиме, бидејќи може да настанат грешки во формата на површината, или таа да остане лошо исполирана. Во текот на постапката постојано вршиме оптички контроли исто како и за време на брусењето, само што сега се забележува дека површината е провидна, и се гледаат мали длабнатинки кои се повеќе се намалуваат и исчезнуваат. Посебно внимание треба да се обрне како и секогаш на краевите на огледалото. Полирањето е завршено кога при контролите забележиме дека останале само 5 – 6 дупчиња на сантиметар квадратен. Посигурен тест е ако огледалото го поставиме на рамна површина и на него го набљудуваме ликот на една сијалица. Ја гледаме усвитената жичка. Ако нa неа се видливи само неколку дупчиња, или воопшто нема, полирањето е завршено. Ако ова не е случај, мора да се продолжи со полирање. Со ова, формата на површината на огледалото е доведена многу блиску до сфера. Ако правиме “брзо” огледало, или ако сме задоволни со вакви перформанси, огледалото е готово. Можеме да го фокусираме сонцето на парче хартија (никако да не се гледа во огледалото кога е насочено кон сонцето !). Ова е добро бидејќи навистина ќе видиме дека сме изработиле огледало кое ја фокусира светлината, а во исто време можеме да го измериме фокусното растојание на огледалото (растојанието од фокусот до површината на огледалото во неговиот центар.) Ако огледалото кое го изработуваме има F број поголем од 6, или ако навистина сакаме совршенство, тогаш огледалото не е завршено. Авторот препорачува сепак да се направи процесот кој следува, кој иако е тежок, нуди свои награди и го збогатува знаењето. Вродена особина на сферните огледала е сферната аберација, т.е. различни зони од површината на огледалото имаат фокусни растојанија кои се различни, т.е. огледалото нема фокус во една точка. Може да се покаже дека огледало кое фокусира во точка има пресек на површината кој е парабола. Нареден чекор е таканареченото фигурирање или доведување во форма.
Последно освежено на Петок, 17 Април 2009 15:43
 
Брусење PDF Печати Е-пошта
Напишано од Александар Шулевски   
Недела, 12 Април 2009 20:40
     Процесот на формирање на сферната површина е доста едноставен. Еден од стаклените дискови е идното огледало, а другиот има улога на алат со кој стаклото се бруси со користење на брусни материјали. Брусниот прав се прави од стари брусни камења кои се ситнат, а потоа исситнетите делови се филтрираат низ газа или стари хулахопки за да се добијат материјали за брусење со различна големина на зрната. Треба да се направи држач за стаклениот диск кој ќе биде алат. Држачот се прави од шпер плоча на која се поставуваат три дрвени граничници со дебелина колку половина од дебелината на дискот. Два се поставуваат точно на периметарот на дискот, третиот малку подалеку, а стаклениот диск се поставува и осигурува со мало дрвено клинче така што да е неподвижен. Држачите се оддалечени 120 степени еден од друг, и имаат улога да го фиксираат алатот при брусењето (слика 2).
 
                                                                                                  

Слика 2. Начин на фиксирање на алатот за брусење

 

Слика 3. Приказ на движењата кои се користат при брусењето

 

      Брусењето започнува со најгрубата фракција на брусниот прав. Се нанесува малку вода со со прскалка и брусен прав по целата површина на алатот. Другиот стаклен диск кој што ќе биде огледало се става врз алатот, и со двете раце, со воедначен притисок се започнува брусењето. Притисокот не треба да е преголем, ниту преслаб. Движењата се напред – назад, при што огледалото излегува за 1/3 од дијаметарот надвор од работ на алатот. После неколку движења, основата се врти за неколку степени, а исто така и дискот кој што го држиме во рацете го завртуваме за неколку степени во спротивна насока, и продолжуваме со брусењето. Во овие завртувања не е потребна прецизност, важно е само да се практикуваат. Може да се практикува и кружно движење така што огледалото со благ притисок се движи по работ на алатот. Токму овие движења ја формираат сферната површина на следниов начин. Кога огледалото е врз алатот поради притисокот и геометријата, тоа на крајот од движењето ги троши рабовите на алатот, а истовремено центарот на огледалото постепено се длаби. Површините на дисковите кои се во контакт стануваат матирани, и со напредувањето на брусењето според промената на звукот се чувствува кога брусниот прав се истрошил и треба да се замени. Во тој момент, дисковите се разделуваат, се бришат со сунѓерче и пак се нанесува брусен прав и малку вода. И во текот на самото брусење се нанесува вода, не смее да се дозволи смесата помеѓу нив да се исуши затоа што дисковите може да се залепат еден за друг, а потоа е многу тешко да се одделат. Ако сепак тоа се случи, потребно е да се стават во топла вода, и после определено време да се обидеме да ги разделиме. Сунѓерчето се мие, и остатоците од миењето и другиот брусен прав што останува по брусењето не се фрла, туку се чуваат во посебен сад. После определено време од почетокот на брусењето, треба да се контролира длабочината во центарот на огледалото. Огледалото се мие и на него се поставува еден линијар, па во центарот на огледалото помеѓу линијарот и стаклото се вовлекува мерилото. За мерило се користи (ако немаме сферометар) инструментот кој се користи за мерење на растојанието кај свеќичките на автомобилите. Тој има метални ливчиња со различни дебелини со чија комбинација може да се измерат растојанија со точност до 0.01mm, што е сосема доволно. Овие контроли треба да ги вршиме што почесто во текот на брусењето. Од централната длабочина на огледалото (кое се нарекува сагита) зависи фокусното растојание и таа се пресметува според формулата:
 
 
 
каде што f е посакуваното фокусно растојание на огледалото, а D е неговиот дијаметар. Се зема вредноста која што е физички реална. Кога ќе се достигне 90% од потребната сагита, се преминува на брусење со наредната пофина фракција на брусен прав. Се применуваат истите движења, ротации, и контроли. Брусниот прав откако ќе се истроши се заменува со нов, остатоците исто се чуваат. Исто така се започнува со оптички контроли на површината на огледалото. За таа цел се користи окулар со кој внимателно се ипитува површината на огледалото. Кога ќе се забележи дека малите длабнатинки не се намалуваат во дијаметар, се преминува на наредната пофина фракција на брусен прав. Ова може да е тешко за почетник да го процени; потребно е искуство, но како правило би требало да заземеме песимистички став, и иако се случи да со секоја фракција брусиме подолго, тоа на крајот ќе резултира со поквалитетно огледало. Овде треба да се напомене дека пред да преминеме на брусење со пофина фракција, целата работна површина мораме темелно ја измиеме со вода, а исто така за секоја фракција огледалото се брише со ново сунѓерче. Ова е многу важно, затоа што ако остане и само едно зрнце од покрупниот брусен прав, тоа ќе го изгребе огледалото, па ќе мора пaк да се вратиме на брусењето со покрупна фракција.
 
 
 Слика 4. Брусење со најгруба фракција
 
      Кога ќе го завршиме брусењето со најфината фракција која што ја поседуваме, брусењето продолжува, но сега треба да си ги направиме наредните фракции. Би можеле и да ги прескокнеме наредните чекори но најверојатно е дека не располагаме со доволно фини фракции на брусен прав. Ако преминеме на полирање, полирањето нема да биде успешно, и таквото огледало после посребрувањето ќе ја рассејува светлината и ќе дава неквалитетна слика. Пофините фракции се издвојуваат од остатоците што сме ги собирале при брусењето со таложење. Овде се користи принципот дека во еден талог покрупните честички се таложат за пократко време. Остатоците ги мешаме со вода во еден поголем сад, па мешавината ја претураме во помал сад и оставаме да се таложи 15 секунди. После ова останатата течност ја претураме во друг сад, и оставаме да се таложи 15 секунди. После ова таложење, течноста се претура во друг сад, и се остава да се таложи 30 секунди. Останатиот талог во вториот сад е првата пофина фракција. Останатата течност ја претураме понатаму и оставаме да се таложи 1 минута. Вака продолжуваме да добиваме се пофини фракции (2 минути, 4 минути, 8 минути, 16 минути, половина час...). Авторот издвои фракција од 1 час која е користена при брусењето, а не е ретка појава да се бруси и со фракции добиени по 24 часа таложење. Колку пофина фракција се користи при брусењето, толку подоцна полирањето е полесно. Во текот на целиот прцес, постојано се извршуваат оптичките контроли на површината, и важат истите правила за промена на фракциите. Потребна е трпеливост, затоа што желбата да се премине на пофина фракција е силна, но потребно е да се спротиставиме на тоа искушение, затоа што пребрзата промена на фракциите ќе резултира со површина која не е спремна за полирање, и полирањето нема да биде успешно. Оваа лекција е научена на основа на искуство, кога авторот требаше да се враќа три фракции назад поради нетрпеливост. Кога ќе го завршиме брусењето со најфината фракција, вршиме оптичка контрола. Големината на неправилностите (дупчињата) на огледалната повшина треба да е насекаде иста. Површината е матирана, и мазна на допир. Посебно внимание треба да се обрне на рабовите на огледалото. Ова важи за брусењето со секоја фракција. Краевите на огледалото обично најтешко се брусат и полираат, и затоа тие се мерка за тоа дали определена фаза од изработката е завршена. Во овој момент, огледалото би требало да е спремно за полирање, со сагита која што одговара на посакуваното фокусно растојание. Ако последната фракција со која што сме бруселе биле доволно фина, полирањето ќе биде лесно и релативно брзо. Во секој случај, потребно е трпение како и секогаш.
Последно освежено на Петок, 17 Април 2009 15:43
 
<< Почеток < Пред 1 2 Следно > Крај >>

Лист 1 од 2